Макроекономските перспективи“ на Македонија
Струмица, 15.мај 2008
„Макроекономските перспективи“ на Македонија беше темата на трибината што синоќа се одржа во Струмица во рамките на промоцијата на економската програма на Витанов.
„Не е тајна да се каже дека ние во последните три години сепак имаме стагнација по основните параметри, значи стапката на невработеност, стандардот на граѓаните, трговскиот дефицит, странските директни инвестиции и инфлацијата“, изјави Зоран Витанов, носител на листа на ПЕИ.
„Сепак, цениме дека тука Република Македонија можеше многу повеќе да направи. Не е идејата да критикуваме, идејата е да видиме што може повеќе да се направи и затоа на секој крај од овие трибини ќе излегуваат и ќе се изнудуваат решенија“, додаде Витанов.
Изминатите две години направени се и позитивни работи, но потребна е поголема храброст за да се направат посериозни чекори кои ќе овозможат Македонија економски да застане на здрави нозе.
„Една важна работа е што Владата мора да ги изедначи условите за странските и домашните инвеститори, да го мобилизира постоечкиот капитал во сивата економија и да гради нови бизниси“, вели Сем Вакнин, меѓународен експерт за економија.
„Ако е потребно, да ги амнестира луѓето кои не плаќале даноци, под услов тие да отворат нови бизниси и да понудат нови работни места“, смета Вакнин.
Економски решенија ќе бидат понудени од сите трибини, бидејќи како што велат во ПЕИ, постои сериозна опасност оваа кампања наместо со конкретни предлози за излез од кризата, да заврши само со пароли.