ПРОГРАМА НА ПАРТИЈАТА ЗА ЕВРОПСКА ИДНИНА
ВОВЕД
Повеќе од петнаесет години Македонија талка барајќи го својот нов пат : пат на самостојна и суверена држава,пат на демократско и економски развиено и јако општество,кое е способно да остварува и дели исти вредности со цивилизациски најразвиените држави во светот.Исто толку време релевантни или минорни по значење политички партии и личности се нудат да не предводат на тој пат,а при тоа ни го нудат своето знаење и умешност,своите програмски определби како и решенијата како тоа да го остварат и да не доведат замислената нирвана-земја на благосостојба.Многу од нив како властодржци грмеа,заглушувајќи не при тоа со големите ветувања и космичките брзини за нивно остварување.
Но што сторија,веќе е болно да се повторува.Од романтичарски идеи за проширување на државата ни,ја доведуваа често истата до очај и предлози за поделби и разграничувања.Од заложби за национални економии и неподелен суверенитет,ни наметнаа бројни меѓународни и неформални администратори.Од ветувања за големи вработувања остварија само болни приватизации и големи одпуштања од работа.Од ветувања дека ќе се справат со корупцијата,станаа челна перјаница на нејзиното метастазирање,а од гаранции за развој на нашата демократија ни го зацементираа насилството и примитивизмот во секоја клетка на општеството.
Според тоа,Република Македонија,за жал,не доби управувачко и јако лидерство,не доби власт со визија,со искрена посветеност,со доволно партиски чувства и компетентност да реализира таква стратешка ориентација.При сите досегашни избори одново и одново големото мнозинство од народот заморено од долгогодишните верувања за подобро утре,едноставно сакаше да поверува дека конечно ќе се соочиме со вистински,длабоки,фундаментални и позитивни реформи и промени од кои катадневно ќе одиме напред во демократијата,како и во безбедноста и економијата.И наместо просперитет,Македонија постојано си ја добиваше својата нова пустош.Народот се свикна на типот политичари кои по правило се покажуваа како недозреани,екстремно алчни,корумпирани и според последиците антимакедонски гарнитури.