ПОЧЕТНА
    ИЗБОРИ 2008
     Кандидатски листи
     Изборни активности
     Митинзи
     Трибини
    ОРГАНИЗАЦИЈА
     Претседател
     Подпретседатели
     Извршен одбор
     Централен одбор
     Општински одбори
     Генерален секретар
     Портпарол
     
    ПАРТИЈА
     Програма
     Статут
     Цели
     Симболи

    СООПШТЕНИЈА
     Прес
     Говори
     Соопштенија
     
    ГАЛЕРИИ
     Конгреси
     Митинзи
     
     
     
     
     
 ПАРТИЈА ЗА ЕВРОПСКА ИДНИНА ПЕИ - КОЛУМНИ

 

Додади боја

колумна: Есад Рахиќ.

На почетокот беше глас кој доаѓаше од радио кутијата. Потоа гласот беше придружен со телевизиска слика. Сликата беше црно бела, а живототот беше колор. Сликата стана колор, животот побледе...

Слика прва.
Некаде во средината на 1967-ма татко ми дома ни донесе телевизор, се разбира црно-бел, ЕИ Ниш. Првата слика на која се сеќавам беше некој вестерн, а потоа надојдоа и сериите, како што беше “Долго топло лето” - со Клара и Бен Квик. Она што надворешно беше видливо на ТВ кутијата беа малкуте мистериозни копчиња и двата канала - нивното двоканално височество ВХФ и УХФ. Менувањето канали се вршеше со магичен рачен маневар на двожилестиот кабел. Се вадеше од едниот канал и се ставаше во другиот. Целата операција се правеше на слепо и со напипување, оти каналите беа сместени на задниот дел од ТВ кутијата. Брзо ја научивме таа бинарна “дигитална” рутина на менување. Многу подоцна разбрав дека телевизорот функционирал и на база диоди или (дво)цевки... Светот, низ подвижните црно-бели ТВ сликички, прв и втор канал, влегуваше во нашиот дом цели 17 години.   

Слика втора.
На почетокот на 80-те колорот масовно влегуваше по домовите, а во 1984-та влезе и кај нас, името му беше долго и со многу букви: ИТТ - СХАУБ-ЛОРЕНЦ. ,,Колорот” беше опремен и со повеќе канали, најавувајќи го на мала врата и политичкиот плурализам кој со многу врева и лажни ветувања дојде неколку години подоцна. Каква резонантна коинциденција!

Рамка со изместена слика трета.
Денес имаме вистинска експлозија на бои и програми: ЛЦД, разни плазми и кристали, комбинирани со кабловско-сателистски мрежи. Се и сешто, вистинско виножито бои и програми. Опции и мноштво информации. Дискавери или канали што откриваат, подучуваат и влечат напред. Но, за жал паралелно во животот и во политичката стварност, плурализмот на опции, информации и понуда никако да пркне и заживее. И понатаму  гледаме два програма, и понатаму гледаме во црно-бела техника. Само сега на програма го нема оној носталгичен серијал, од моето најрано детство “Долго топло лето”, туку опстојува една долга, досадна кочан транзициона зима. А нашите Клара (Рада) и Бен Квик (Никола) не се ни убави, ни романтични и ни благородни. Нешто кажува, дека се повеќе се груби, раководени од многу пизма и омраза, како на натпревар на кој се измислуваат најдобри изговори за сопствените слабости. Едно време Никола не се споредуваше со резултатите на Рада, но сега нема прес-конференција, а да не се повика на тоа што правел СДСМ. Значи, Никола по 18 месеци власт  конечно си го најде својот репер во СДСМ. Тоа брутално ни укажува дека човекот мошне слабо си ја одработил многу рекламираната во 100 чекори. На транспарент високо го истакнал зборот преродба, кој буди историски чувства и ремисценции, но, каква преродба закачил Никола на своето побледено црвено знаме, кога за секоја работа решил да се споредува и занимава со декласираниот СДСМ. Никола не само што изгуби здив и ориентација, туку на помош со имагинарниот времеплов, неговата нова играчка, реши да не враќа во двоканалното време на телевизиските двоцевни диоди, каде има само два канали: ѕинговизија и се останато (купи-заплаши визија).    
Оваа власт, во кратки пантолани, нема намера да го почитува својот народ. Некој вели, па како да го почитува кога нема ден работно искуство во било која професија - факт кој уште повеќе важи за безличната опозиција. Последен доказ на тежок замор на власта е доведувањето во заблуда на избирачите преку случајот на пласирање на дублери на имињата и во 2006 и во оваа изборна година. Таков упорен цинизам и длабоко потценување на народот и негово претворање во “проста маса” е досега невидена работа. Понужувачко-очајна работа е поигрувањето со имиња, идентитети и заблудувањето.

Додајте боја во нашите животи.
Добро би било да внесеме боја во овој наш вештачки црно-бел политички свет кој ги обликува нашите посивени животи. Во името на убавите и нормални работи во светот и животот на денот на гласањето, на први јуни, заборавете на разните изместени и изневерени бројки: заборавете на 15 септември, заборавете на 5 јули, 100 недоодени чекори, заборавете на црно-белите телевизори ЕИ Ниш, заборавете на двата единствени програми. Први е ден за нов почеток, во животот, во училиштето, во работата.
Први е нов почеток.  

 

                                                                                    Есад Рахиќ



 
simboli
izbori